Драстичен пораст на бројот на канцерогени случаи регистрира Гинеколошкото одделение при Општатата болница во Кочани, што е аларм за подигање на јавната свест кај женската популација за редовни превентивни прегледи.
Од јануари до септември во евиденцијата се забележани 9 случaи на канцер, главно на грлото на матката, при што еден случај е сериозен и неоперабилен. Практично секој месец се евидентира по еден случај со канцерогени симптоми, а најчесто пациентките на лекарски преглед доаѓаат откако ќе забележат здравствени промени. Ако продолжи таквиот тренд, до крајот на годината ќе има зголемување на бројот на пациентки за трипати во споредба со лани.

Специјалистот Илчо Атанасовски истакна дека пациентките се од различни генерации, најчесто околу 50-годишна возраст, но има и помлади. Поради тоа упатува апел за навремено и редовно јавување на преглед заради заштита од евентуални несакани последици.
-Во нашата болница има прекрасни услови за работа и правиме напори за подигање на квалитетот на здравствената заштита. На гинеколошко-акушерското одделение не се водат само раѓањата, туку досега имаме околу 2.000 прегледи. Располагаме со нов 4D ехо апарат што го имаат и посовремените болници. Имаме и околу 180 хоспитализации на пациентки и тие се задоволни од условите и услугите, истакна гинекологот Атанасовски.

Од минатата година постои можност преку интернет платформата e-zdravstvo.mk да се направи електронска регистрација за ПАП тест на секоја жена која ќе изрази интерес , како придонес во борбата против ракот на грлото на матката.
Со пополнување на формата пациентката се регистрира за тестирање директно во системот Мој Термин. Матичниот гинеколог директно добива информација за извршената регистрација, без дополнително јавување или информирање од страна на пациентката.
Според евиденцијата на здравствените установи, секоја година во државата се регистрираат по 150 нови случаи со рак на грлото на матката, а има по околу 50 смртни случаи како последица од ова заболување.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.