За реализација на капитални градежни активности во текот на оваа година Општина Зрновци ќе инвестира близу 50 милиони денари, што е највисока сума досега од нејзиното формирање. Веќе се завршени подоготвителните работи, изработена е техничката и друга документација, а во изминатите неколку месеци беа спроведени постапки за јавни набавки, направен е избор и потпишани се договори со економските оператори. Со тоа се создадени услови за почeток на реализацијата на проектите што треба да ги подобрат животните услови на жителите и развојот на општината.
Најголем дел од инвестициите се однесуваат на изградба на сообраќајна инфраструктура, при што 30 милиони денари се предвидени за изградба на локален пат од Зрновци до Мородвис, потоа на улицата „Филе Ристов“, како и на спој на улица „Никола Карев“ со нова сервисна улица. Дополнително, уште 3 милиони денари се обезбедени за изградба на нови улици во Видовиште, Мородвис и Зрновци.

На последната седница на Советот на Општината, градоначалникот Борчо Коцев ја најави и реализацијата на уште три проекти, за кои ќе се инвестираат близу 10 милиони денари.
-Се работи за изградба на тротоар на улицата „Илинденска“, изградба на армирано-бетонска преграда со зафат на Морошка Река и изградба на резервоар за водоснабдување во Видовиште. Имаме донесено одлуки за сите три градежни работи и вкупниот износ е 9,9 милиони денари, односно 6 милиони за пешачката патека, 2,2 милиона за армирано-бетонската преграда и 1,7 милиони денари за резервоарот. На електронската аукција беше постигнат износ од 9,7 милиони денари, односно намалување кај патеката од околу 350 илјади денари, но зголемување од 80 илјади за резервоарот и 110 илјади денари за бетонската преграда, истакна градоначалникот Коцев.

Покрај овие три градежни зафати, веќе е потпишан договор за набавка на комбинирана машина ровокопач за што ќе се инвестираат 5,3 милиони денари. Исто така, годинава ќе се изведуват и градежни работи за промена на секундарната водоводна мрежа во Зрновци и изградба на водоводен канал, а за што се обезбедени 280 илјади денари.

Реализацијата на сите проекти е со поддршка од стручната служба во Општина Зрновци, како и од надворешните соработници што се вклучени во подготвителните активности.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.