Во салата на ОУ „Никола Карев“ се одржа спортско-музички настан како продолжување на Новогодишниот базар. Во преполниот спортски објект се претставија учениците од музичкото училиште „Ристо Јуруков“, а настапи и училишниот хор од училиштето домаќин.
Собраните средства од овој настан, заедно со оние од базарот ќе се наменат за подобрување на условите во училиштето, а за тоа ќе се одлучува на наставничкиот совет, закажан за в понеделник.
-Овој настан е дел од Новогодишниот базар, кој што почна вчера во нашето училиште. За прв пат од оваа година е дводневен. Идејата беше на колеги од училиштето, а гости ни се и учениците од музичкото училиште „Ристо Јуруков“. Благодарам што ни излегоа пресрет, а главна ѕвезда вечерва е репрезентативецот Јован Манев. Тој потекнува токму од редовите на „Никола Карев“, долго време беше наш ученик, беше капитен на нашата екипа во футсал и голем фудбал. Заедно бевме на државно првенство, а му врачивме и дрес што го носеше тогаш. Исто така, со овој настан сакаме да кажеме дека нашето училиште е расадник на ученици кои стекнуваат кариери, не само спортски, туку на секое поле во општеството, истакна Александар Андов, директор на ОУ „Никола Карев“.
Задоволството да се биде учесник на ваков настан го изрази и реперезентативецот Јован Манев.
-Ова е голема чест за мене, затоа што ќе ги поттикнам помладите да бидат упорни во она што го посакуваат и да си ги остварат своите цели. Се надевам дека со овој настан ќе можам да помогнам на помладите генерации и ќе се радуваме на вакви успеси, како и моите досегашни, истакна Манев.
На настанот беа поделени обележја од Фудбалскаата федерација на Македонија, што ги потпиша Манев, а се одржа и лотарија за сите присутни во публиката.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.