Краткиот новинарскиот осврт на позитивните настани што беа покарактеристични во годината што изминува покажува дека поединечните успеси на нашите сограѓани од помладата генерација се главните обележја по кои таа ќе се памети.
Таквиот заклучок дава оптимизам за перспективите на општествената заедница, која треба да им обезбеди соодветни услови за натамошно напредување, но и да го искористи нивниот потенцијал во иднина.
Голема е гордоста од постигнатите резултати на осмоодделенецот Владимир Грчев на натпреварите по информатика на домашно и меѓународно ниво. Неговите знаења во програмирањето во C++ го вброија меѓу најдобрите во државата, а дополнително признание беше што се најде во македонскиот тим за Европската и Балканската јуниорска олимпијада по информатика. Поддршката од здружението „Бистри умови“, од Здружението на информатичари на Македонија, како и од дел од локалниот бизнис сектор досега овозможија Грчев да напредува, во очекување на неговите нови успеси во иднина.
Меѓу младите кои со своите успеси веќе ги надминаа локалните рамки се и Макарија Иванова и Јован Цветанов, ученици по пијано во ОМУ „Ристо Јурков“. Тие ги продолжија минатогодишните постигнувања кога освоија втори места натпреварот Sitta di San Dona di Piave EDIZIONE Online 2022 во Италија. Иванова го освои првото место на Државниот натпревар по пијано, со што ја продолжува низата од награди и признанија во досегашното школување. Цветанов пак, со своите одлични изведби исто така го сврте вниманието на публиката, но и на музичката јавност, а што не остана незабележано во пошироки рамки. Меѓу неговите успеси во годината што изминува е осовоеното прво место на Меѓународниот натпревар Полихимниа, чиј организтор е Здружението на музички педагози.
Позитивно обележје на 2023 година на спортски план, без дилема е успехот на младиот Јован Манев, кој со право се најде меѓу најдобрите македонски фудбалски репрезентативци. Добиената доверба од селекторот ја оправда и со погодокот на натпреварот со Малта во квалификациите за Европското првенство. Неговиот успех веќе е поттик и за другите млади фудбалери да го следат во натамошната кариера.
Успехот на младите шахисти Јована Давиткова и Матеј Диванисов се наоѓа во низата позитивни постигнувања во оваа година. Давиткова која веќе има меѓународно искуство, ја освои и титулата државен првак за ученички од основните училишта. Сличен успех постигна и Диванисов, кој стана државен првак за ученици до 5. одделение. Тоа само потврдува дека Кочани има млади таленти за продолжување на успешната шаховска традиција.
Листата на младите кои ја обележаа 2023 година не завршува овде, а истакнатите успеси на веќе споменатите не е со намера некого да запоставиме. Напротив, сите тие заслужуваат пофалби и честитки за постигнатото, што е дел од заедничката гордост на сите граѓани на општината и пошироко.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.