Родителите на трагично починатите деца во несреќата што се случи во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025 година, испратија писмена изјава до јавноста во која изразуваат длабока болка, но и заедничко и недвосмислено барање за целосна правна разрешница и одговорност од сите инволвирани лица и институции.
„Оваа трагедија ја карактеризираме како МАСОВНО УБИСТВО И ТЕШКО ЗАГРОЗУВАЊЕ НА ЧОВЕКОВИТЕ ЖИВОТИ И БЕЗБЕДНОСТА, и бараме надлежните институции да постапат професионално, непристрасно и во согласност со важечките закони и меѓународни конвенции. Воедно, целосно се оградуваме од каква било политичка манипулација и не дозволуваме овој трагичен настан да се користи за собирање политички поени од кој било субјект, без разлика дали е од власта или од опозицијата.
Бараме веднаш да се спроведе независна и темелна истрага за сите околности поврзани со настанот, со цел да се утврди дали биле испочитувани сите законски норми и регулативи за работењето на објектот. Сакаме да знаеме дали дискотеката поседувала валидна документација за работа, дали биле извршени сите потребни контроли од страна на надлежните инспекциски служби, и дали се постапувало согласно законот во делот на урбанистичките, градежните, санитарните, безбедносните и противпожарните стандарди. Потребно е да се утврди дали нечија немарност, злоупотреба или незаконско дејствување довело до оваа трагедија.
Воедно, бараме да се утврди и дали институциите што имаат надлежност за надзор, одобрување и контрола на објекти од ваков тип, навремено постапувале и дали ги исполниле сите свои законски обврски. Доколку се утврди дека одредени службени лица, органи или субјекти пропуштиле да постапат согласно законот, бараме тие да бидат идентификувани и процесуирани.
Во рамки на нашите постапки, ќе соработуваме со еминентни адвокати од Република Северна Македонија и од странство, кои ќе обезбедат правна поддршка во сите фази на процесот, вклучително и евентуално поднесување предмет пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Посветени сме на целосно расветлување на настанот и нема да отстапиме од барањето за правда, водејќи се од принципот дека секое човечко право мора да биде заштитено и секоја жртва заслужува одговорност и правна разрешница.

Не бараме ништо повеќе од правда, но таа правда мора да биде НЕСЕЛЕКТИВНА И ПРАВЕДНА. Не смееме да дозволиме животите на нашите деца да останат без значење во очите на државата. Одговорност мора да има – како за организаторите и управувачите на објектот, така и за институциите кои дозволиле или не спречиле оваа катастрофа. Животот на нашите деца беше изгубен, но не смее да биде заборавен.
Апелираме до обвинителството и полицијата да постапуваат без одлагање, професионално и транспарентно, и да ја известат јавноста за секој чекор во процесот. Очекуваме одговори, резултати и правна разрешница. Ако овие институции не постапат соодветно, ќе ги искористиме сите расположливи домашни и меѓународни правни механизми, вклучувајќи поднесување на предмет до Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
Истовремено, апелираме до целата јавност – без разлика на политичка припадност, етничка или верска определба – дека прашањето за функционирање на институциите и безбедноста на граѓаните не е индивидуален, туку општествен проблем. Секој граѓанин треба да биде свесен и загрижен за исходот на оваа постапка и за тоа дали институционалниот систем ќе претрпи суштински подобрувања. Нашите деца веќе не се дел од овој свет – тие не можат повторно да бидат жртви на системски пропусти, на небезбедни премини, објекти без стандарди, неисправни превозни средства или здравствени установи без основни услови. Но, сите останати деца, сегашни и идни, се сè уште изложени на истите ризици. Затоа, оваа иницијатива не е прашање на минато, туку на иднина, и бара одговорност, реформа и континуирана контрола во интерес на сите граѓани.
Не бараме посебен третман, не бараме политички привилегии – бараме државата да си ја заврши својата работа чесно и по закон. Оваа борба не е само за нашите деца, туку за сите деца, за сите граѓани, за иднината на нашето општество.
Никогаш повеќе да не се повтори 16 март 2025 година.
Со почит,
Родителите на трагично починатите деца во Кочани

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.