Членовите на кочанскиот рок бенд „Корка“ се победници на првиот Национален натпревар за млади музичари и бендови „Imagine Macedonia“, чиј организатор е Музичка младина на Македонија, а што вечерва се одржа во Младинскиот културен центар во Скопје, во рамки на фестивалот „Здраво млади“.
Во конкуренција на уште седум други бендови од Македонија, настапот на младите музичари од Кочани беше оценет за најдобар, со што тие се стекнаа со правото да ја претставуваат државата на големото интернационално финале во Брисел, Белгија, кое традиционално се одржува во декември и ги обединува најдобрите млади музичари од сите земји учеснички.

По три успешни онлајн изданија, кога македонските победници беа избирани преку дигитална селекција и ја претставуваа земјата на интернационалното финале во Брисел, оваа година натпреварот за првпат се одржa во живо, пред публика.

Членовите на „Корка“ – Ненад Стојанов, Давид Лазаров, Анастасија Стоименовска, Борис Медарски и Викторија Петрова на Националниот натпревар во Скопје настапија со авторска музика, а со големиот успех потврдија дека се бенд кој нуди еден од најсвежите гласови на македонската алтернативна музичка сцена.

Националниот натпревар „Imagine Macedonia“ се организира за млади музичари на возраст од 13 до 21 година и е дел од интернационалниот проект „Imagine Music Experience“ на Интернационалната музичка младина – JMI. Негова главна цел е промовирање на младата генерација музичари, автори и бендови, создавајќи можности за нивна меѓународна промоција, размена и вмрежување.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






