Кочанскиот рок бенд „Корка“ ќе биде меѓу осумте учесници на првиот Национален натпревар за млади музичари и бендови „Imagine Macedonia“, чиј организатор е Музичка младина на Македонија.
Натпреварот ќе се одржи на 10 октомври во Денсинг салата на Младинскиот културен центар во Скопје, во рамки на познатиот фестивал „Здраво млади“.

По три успешни онлајн изданија, кога македонските победници беа избирани преку дигитална селекција и ја претставуваа земјата на интернационалното финале во Брисел, оваа година натпреварот за првпат ќе се одржи во живо, пред публика. Во финалето на Imagine Macedonia 2025 ќе настапат осум бендови кои се пласираа преку националната селекција: LSD During War, Големата Вода, Мираж, VENDM, Sunneater, Tsar Von Time, Корка и The Pot.
„Корка“, како и останатите учесници, на натпреварот ќе настапи со авторска музика. Се претставува како нојз рок бенд кој во својот звук комбинира суровост, енергија и тематска апатија што ја отсликува реалноста на младите денес. Со изразена „сам свој мајстор“ естетика, мрачна атмосфера и текстови што се движат од апсурд до социјален коментар, бендот е еден од најсвежите гласови на македонската алтернативна сцена. Членови на „Корка“ се Ненад Стојанов, Давид Лазаров, Анастасија Стоименовска, Борис Медарски и Викторија Петрова.

Националниот натпревар „Imagine Macedonia“ се организира за млади музичари на возраст од 13 до 21 година и е дел од интернационалниот проект „Imagine Music Experience“ на Интернационалната музичка младина – JMI.
Победникот од натпреварот ќе ја претставува Македонија на големото интернационално финале во Брисел, Белгија, кое традиционално се одржува во декември и ги обединува најдобрите млади музичари од сите земји учеснички.

Со проектот „Imagine Macedonia“, Музичка младина на Македонија продолжува да ја промовира младата генерација музичари, автори и бендови, создавајќи можности за нивна меѓународна промоција, размена и вмрежување. Партнери на проектот се МКЦ, „Гола планина“ и „Мртов коњ“, а координаторка на проектот е Ива Дамјановски.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






