Во малата сала на Мултикутурниот центар вечерва беше промовиран романот „Отуѓување“ од авторот Ѓорѓи Мешков од Кавадарци. Книгата е пишувана по вистински настани кои се случуваат, но и сè уште траат во нашето време.
Темата е отуѓувањето на децата како појава и процес на која се изложени голем број деца. Со порастот на разводите, расте и отуѓувањето на децата од едниот родител.

-Токму „Отуѓување“ бидејќи тоа е тежок и прикриен процес. Тоа е кога детето после разводот е доделено на едниот родител и тој родител, каде што детето е доделено, го отуѓува од другиот родител, тоа е резултат на нерасчистени сметки за времетрање на бракот. Значи, еден вид на освета кон другиот родител и тоа е една многу тешка работа затоа што се работи за нешто заедничко. Значи дека детето ги трпи сите тие методи, кои понатаму кај децата создаваат девијантни однесувања во понатамошниот развој. Пораката е сите сегашни и идни родители да сфатат дека децата се тие кои што се невини, дека децата не се криви затоа што нивните недоразбирања довеле до развод на брак, и да не ги малтретираат своите деца. Напротив, и по разводот на бракот децата имаат право да живеат со двајцата родители, истакна Ѓорѓи Мешков, автор на романот.
Романот „Отуѓување“ раскажува за татковската љубов кон своето чедо, која разобличува, разголува и се бори против еден од најстрашните процеси на психичко и емотивно малтретирање. Целта на овој роман е да помогне, да се соголат и разоткријат, да се разоружаат и обезоружат причинителите. Замислата и намерата е оваа книга да „дигне прашина“ за злосторство кое се одвива пред нашите очи и уши.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.