Под мотото „Скокни, трчај и весели се со Ротари Велигденските игри!“ денеска во Паркот на Револуцијата се одржа Ротари детска трка.
Учеството беше бесплатно, а за сите натпреварувачи беа обезбедени награди од компании од Кочани и Виница. На настанот учествуваа деца на возраст до 10 години, а организатор беше Ротари клубот Кочани-Виница.
Претседателот на Ротари клубот Кочани-Виница, Зафир Наков истакна дека по позитивните искуства од претходно и годинава ја организираат детската трка.
-Ротари клубот Кочани-Виница се приклучи на програмата за Велигденскиот хепенинг, организирана од Општина Кочани. Денеска ја реализираме оваа детска трка со цел да ја збогатиме радоста на најмалите и да го поттикнеме натпреварувачкиот дух кај дечињата. По искуството од минатата година, на која имавме околу стотина дечиња, денес подготвивме стартни пакети за 120 дечиња. Ќе доделиме и награди за прво, второ и трето место, рече Наков.
Настанот имаше и хуманитарен карактер, односно да се соберат средства за еко проект за изработка на мурали и за подигање на јавната свеста кај најмалите генерации. за важноста на екологијата во секојдневниот живот.
Активноста беше во склоп на проектот „Направи разлика“, имплементиран од Фондација за развој на локалната заедница – Штип, финансиран од Агенцијата за меѓународен развој на САД (УСАИД).
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.