Договорот за соработка што членовите на Ротари клубот Кочани-Виница во мај годинава го потпишаа со своите колеги од Целје и Љубљана од Словенија, ги дава почетните позитивни резултати.
Кон иницијативата за помош на Кочани по трагичниот пожар во клубот „Пулс“ се приклучи и Ротари клубот Велес, а на денешната средба беше потпишан договор за донација за подигање на противпожарната безбедност во средното општинско училиште „Љупчо Сантов“. Донацијата ќе ја обезбеди светски познатата компанија Apollo Fire Systems која е лидер во производството на системи за заштита од пожари, во соработка со своите партнери во Македонија.
Претставник од компанијата, заедно со членовите на ротари клубовите од Македонија и од Словенија направија увид во сегашната состојба и потребите што ги има средното училиште во Кочани за унапредување на заштита од пожари.
-Задоволство ми е што од пред еден месец го потпишавме овој меморандум и сега ја имаме првата имплементација на овој меморандум. Горд сум што дел од оваа соработка е и Ротари клубот Велес и овде е неговиот претседател, како соработник во ова наше партнерство. Како што веќе се договоривме, ќе се приклучат и други ротари клубови кон овој меморандум и тоа ќе се развива сѐ повеќе. Зборуваме за петгодишно партнерство и ова е тоа, истакна Фрањо Розман од Ротари клубот Целје, кој ги координира активностите со другите Ротари клубови од Словенија.

-Чест ми е и сакам да учествуваме во овој проект заедно со сите наши членови, да помогнеме колку што е можно повеќе вакви несреќи да не се случат никогаш во нашата држава. Што побрзо да заборавиме на тоа и да одиме напред, да бидеме што подобри и да се заштитме колку што можеме повеќе, истакна Благој Шалев, претседател на Ротари клубот Велес.
-Безбедноста на децата и заштитата од пожари беше еден од првите постулати за кој разговаравме кога го потпишувавме договорот и ова е првиот чекор што корпорацијата Apollo Fire Systems го направи, со надеж дека многу бргу ќе ги видиме и првите резултати при обезбедувањето на ова училиште со опрема што е неопходна. Се заблагодаруваме на ротари клубовите од Словенија, на Ротари клубот Велес кој прв се приклучи на оваа иницијатива, и се разбира на компанијата која прва влезе во решавање на овие големи проблеми што Кочани ги има, истакна Зоран Тодоров од Ротари клубот Кочани – Виница.

-Кога слушнавме за овој проект веднаш подадовме рака за да помогнеме со нашето искуство во противпожарната индустрија и со чувство за оваа катастрофа, за да се спречи во иднина, затоа што ова нас нѐ засега уште повеќе. Знаеме дека треба да помогнеме и мислам дека тоа им го должиме и на сите што беа погодени од она што се случи во минатото, истакна Тимур Каракас од компанијата Apollo fire detectors Ltd, United Kingdom of Great Britain.
Ротари клубовите и британската компанија потпишаа договор за соработка со што во наредниот период треба да се реализира донација од најсовремена опрема во вредност од неколку стотини илјади евра. Со тоа значително ќе се подобри ситстемот за рано предупредување и заштита од пожари во СОУ „Љупчо Сантов“.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






