Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) и Министерството за внатрешни работи (МВР) подготвија краток едукативен видео спот во кој на возачите им се укажува на законските прописи за управување моторни возила на експресните патишта во државата.
Под мотото „Безбедно на експресен пат“ во видео спотот што е снимен на експресниот пат Кочани – Штип, се даваат кратки совети како да се користат коловозните ленти.

Притоа, се нагласува дека тоа е специјално изграден пат наменет исклучиво за сообраќај на моторни возила, означен со пропишан сообраќаен знак, со најмалку по една лента за возење и една лента за застанување, а на кој сообраќајот може да се вклучи, односно исклучи само на одредени и посебни изградени приклучоци и кој е заштитен од пристап надвор од овие површини.

-Експресниот пат има по една сообраќајна лента во секоја насока кои меѓусебно се разделени со полна или со испрекината линија, зависно од конфигурацијата на теренот. Покрај сообраќајната лента за движење на возилата, на експресниот пат има и лента за застанување која е наменета исклучиво за запирање на возилата. На експресниот пат не е дозволено движење на пешаци, велосипеди, трактори и други бавни возила. Најголемата дозволена брзина е ограничена на 110 километри на час, освен ако не е поинаку определено со сообраќаен знак. Престигнувањето е дозволено исклучиво кога има добра прегледност, ако има обележана испрекината линија на коловозот и доколку не се попречуваат возилата што се движат во спротивната насока, се истакнува во видео спотот.

На возачите им се укажува дека секое движење со возилото во лентата за застанување претставува сообраќен прекршок и подлежи на казна, а забрането е и полукружно вртење, застанување и паркирање, освен на предвидените места.

-Експресниот пат не е автопат и нема посебна лента за престигнување. Доколку се приближува возило кое има намера да престигне друго возило, возачот на возилото кое се престигнува не смее да ја користи лентата за застанување со цел да направи простор за да биде престигнато. Тоа е лента исклучиво за застанување по потреба, никако за возење. Престигнување на непрегледни делници, на кривини, со возење по лентата за сопирање или со газење преку полната линија е строго забрането и претставува сериозен ризик. Таквите сообраќајни маневри често завршуваат со несреќа која може да предизвика тешки повреди и загубени животи, се додава во едукативното видео.

На експертскиот панел „Безбедносните ризици на експресниот пат Кочани – Штип: Проблеми и решенија“, што неодамна се одржа во Кочани, се зборуваше за непочитувањето на сообраќајните прописи од страна на возачите, што придонесува за голем број сообраќајни нсреќи со тешки телесни повреди, жртви и материјална штета. Исто така, стана збор и за техничките и други недостатоци на самиот пат, што придонесува за намалување на неговата безбедност и опасните и критични точки на кои најчесто се случуваат несреќите.

Меѓу другото, заради подигање на безбедноста на експресниот пат Кочани – Штип, експертите н панелот укажаа дека неопходна е негова итна реконструкција и проширување на коловозот според концептот „Два плус два“, односно изградба на по две колозвни ленти за секоја насока, а тие меѓусебно да бидат разделени со соодветна ограда.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






