Македонската Православна Црква го одбележува патрониот празник и заштитникот на Кочани – Свети Петар. Света празнична богослужба попладнево се одржа во православниот храм „Св. Георгиј“ , а беше посветена на светиот апостол. На литургијата чиноначалствуваше митрополитот брегалнички г. Иларион и повеќе свештенослужители од брегалничката епархија.
Потоа свечената литија од црквата се упати кон Градскиот парк, каде пред мозаикот на апостолите Петар и Павле беше организирано осветување и кршење на празничниот колач. Притоа владиката Иларион на граѓаните на Кочани им го честиташе празникот.
-Денеска е голем и радосен ден за целата Вселена, денеска е пасха и радост за секоја човекољубива и христољубива душа, овој ден Господ го создаде да се радуваме и веселиме во него. Благословен е оној народ којшто има светители, којшто има молитвени застапници и преку нив е близок со Господа, чекори по Господа и го освојува царството небесно и вечноста. Ги славиме вековните закрилници и заштитници на градот Кочани, на сите луѓе овде, коишто живееле пред нас, кои живеат и ќе живеат по нас. Да ви го честитам овој празник, да ви посакам многу здравје, благослов и успех во животот, Господ Бог секојпат да ве чува, а апостолите, како и секојпат досега, и отсега да го чуваат овој град и сите вас коишто живеете во него, истакна митрополитот Иларион.
По завршувањерто на настанот во паркот во Кочани, во просториите на ЈОУ Библиотека „Искра“ беше отворена изложба под наслов „Св. Петар и Павле“ на роднокрајниот автор Влатко Анчов, а потоа во Мултикултурниот центар се одржа концерт на духовна музика.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.