Во рамките на 11-то коло од Втората футсал лига, екипата на „СЕЕ Универзитет“ од Тетово оствари важна победа на гостувањето кај „Фудбал старс Аутовелт“ во Кочани со резултат 4:6 (1:2).
Овој натпревар важеше за директна пресметка за позициите во горниот дел од првенствената табела, имаше возбудливи моменти и одлично организирани напади пред двата гола.

Сепак, тетовчани први го отворија резултатот уште во 4 минута, беа во предност во текот на целото прво полувреме, а домашните изедначија нa неколку минути пред паузата. И кога се очекуваше на одмор да се отиде со нерешен резултат, гостите повторно дојдоа во водство на пет секунди пред крајот на полувремето. Во вториот дел играта имаше сличен тек и играчите од Тетово на крајот заслужено славеа.
Домаќините од Кочани покажаа голема пожртвуваност и успеаја да го изедначат резултатот на 4:4, сепак не беа доволно прецизни пред противничкиот гол за да направат целосен резултатски пресврт. По изедначувањето, играчите на „Фудбал старс Аутовелт“ пропуштија неколку изгледни шанси, што гостите знаеја да го казнат. При тоа, шестиот гол, како и во првото полувреме, тетовчани го постигнаа на 5 секунди пред крајот на натпреварот и заслужено ги освоија бодовите во ова дерби.

Три гола за гостите постигна Цека, по еден Рамадани, Муртезани и Азизи, додека стрелци на головите за домашната екипа беа Иванов, Тренчев и Трајчов кој двапати ја застресе противничката мрежа.
Во текот на натпреварот видлива беше нервозата меѓу играчите, па поради груба игра беа доделени по три жолти картони кај двете екипи.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






