Здружението „16 март 2025 – Кочани“ упати јавна реакција против постапките што се поведени против деца и млади по трагичниот настан во дискотеката „Пулс“.
Во реакцијата се оценува дека наместо институциите да ја утврдат одговорноста таму каде што реално лежи, фокусот неоправдано се насочува кон млади лица кои сами биле изложени на опасност.
-Јавноста јасно укажува дека реакциите на дел од младите по настанот биле последица на шок, траума и силно чувство на неправда – а не свесно или намерно делување. Многу граѓани сметаат дека тој таканаречен трагичен настан е резултат на сериозни пропусти, толерирање ризици и можна коруптивна заштита што му овозможиле на објектот да работи без основни стандарди за безбедност. Човечкиот живот не може и не смее да се стави пред материјална штета. Безбедноста и животот на секое дете таму биле загрозени многу пред револтот, истакнуваат од Здружението.

Во писмената реакција се наведува дека причините за трагедијата и институционалните пропусти мора да бидат во центарот на истрагата, а не да бидат насочени кон младите кои беа директни жртви на таа небезбедност.
-Бараме непристрасно, стручно и одговорно постапување, без селективна правда. Бараме утврдување на одговорноста на сите што биле должни да обезбедат безбедност во објектот. Бараме итно запирање на неправедното насочување вина кон младите, кои беа изложени на ризик, а не причинители, додаваат од Здружението „16 март 2025 – Кочани“.
Како одговор на постапките што се водат против младите лица, в сабота, 24. јануари во 14:05 часот ќе се одржи „Марш за ангелите“ што ќе биде граѓанска поддршка за неправедно тужените сограѓани.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






