Единаесеттте општини од Источниот плански регион започнаа постапка за ликвидација на меѓуопштинското јавно претпријатие за управување со отпад „Депонија Исток“ со седиште во Штип.
Од локалната самоуправа на Кочани информираа дека причина за ликвидацијата на преттпријатието е менувањето на пристапот за решавање на прибирањето, транспортот и одлагањето на комуналниот отпад, што ќе добие поширок меѓурегионален опфат.
– Ова меѓуопштинско јавно претпријатие не профункционира и од тие причини се предлага тоа да престане со работа, да се ликвидира. Во меѓувреме, се прават, се вршат разговори за формирање ново меѓуопштинско јавно претпријатие, овојпат помеѓу двата региона, Источен плански регион и Североистичен плански регион. Тоа исто така ќе биде меѓуопштинско за управување со отпадот. Во тек се подготовките за формирање, веќе имаме активности помеѓу општините, се надеваме дека во најбрз можен рок истото ќе биде формирано и поддржано за да профункционира и да се реши овој голем проблем за овие два региона, рече Венцо Бојков, сектор за јавни дејности на Општина Кочани.
Со започната постапка за ликвидација, основачкиот влог во вредност од над 300 илјади денари ќе им биде вратен на општините кои пропорционално учествуваа во формирањето.
Иницијативата за основање на јавното претпријатие „Депонија Исток“ започна да се реализира пред околу една ипол година, при што се работеше на студија за одржливост и на изготвување техничка документација за изградба на системот за интегрално управување со отпад. Целиот проект беше вреден над 40 милиони евра, а требаше да се реализира со средства од европските фондови.
За да се реализира постапката за ликвидација на претпријатието, неопходно е општинските совети во локалните самоуправи од Источниот плански регион да донесат соодветна одлука.
T. Aјтовски
©2023 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.