Во чест на Томас Златков и неговиот другар Александар Стојанов, како и на сите починати во трагичниот пожар во „Пулс“, вечерва се одигра хуманитарен натпревар во мал фудбал.
Пред присутните гледачи и спортистите во спортската сала на ОУ „Никола Карев“ беше направен краток осврт за големата љубов кон фудбалот и енергичноста и натпреварувачкиот дух што Златков и Стојанов ги носеа во себе. Овде сме за да продолжиме таму каде што тие застанаа, за да покажеме дека љубовта, пријателството и спомените се вечни, беше нагласено пред натпреварот, по што со едноминутен молк им беше оддадена почит.

-Средствата што ќе се соберат вечерва ќе бидат наменети за да ги обележиме нивните места на трибините – таму каде што нивната енергија најсилно се чувствуваше и ќе продолжи да се чувствува, рекоа врсниците на починатите.

Хуманитарниот натпревар е еден од повеќето настани што се организираат во спомен на настраданите во трагедијата во Кочани, како завет дека никогаш нема да бидат заборавени.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.