Вечерва во салата на Мултикултурниот центар во Кочани се одржа 12. собир на афористичарите АФКО 2024, на кој беа прогласени најдобрите автори и беа доделени наградите за најдобриот македонски афоризам. Организатор на настанот беше здружението Афористичка репрезентација на Македонија – АРМ.
Темата за пишување на афоризам годинава гласеше „Маж, жена, љубов и љубомора“, а 24 автори испратија свои творби на зададената тема.
Претседателот на АРМ, Јане Атанасов рече дека публиката имаше можност да ги слушне најновите афоризми на афористичарите од земјва и странство. Учествуваа афористичари од Струмица, Скопје, Кочани, Велес, како и од соседна Србија.
-На годиншнава манифестација АФКО 2024 настапуваат 10 афористичари кои ќе читаат свои најнови афоризми во првиот дел од настанот. Во вториот дел од манифестацијата ќе ги доделиме наградите од конкурсот за афоризми. Жири комисијата работеше во состав Ацо Ѓорѓиев од Струмица, Доне Донев од Кочани и Зоран Јовановиќ од Лесковац, Србија. Првата награда му припадна на Ристо Филчевски од Струмица, второнаграден е Миле Ѓорѓијоски од Делчево, а третата награда ја доби Атанас Крлевски од Велес, истакна Атансов.
Највисоки оцени од жирито добија и афористичарите Јане Атанасов и Чедомир Шопкиќ, за што им беа доделени пофалници.
Во изминатите единаесет години манифестацијата во Кочани се одржуваше под називот „Вечер на македонскиот афоризам“, но по ограничувањата поради Ковид пандемијата беше префрлена во дневен термин, а од минатата година го промени и името во АФКО, со додавка на година во која ќе се реалзира настанот.
Манифестацијата годинава се одржа со средства на организаторите и делумна поддршка од Општина Кочани, како и од неколку спонзори, со оглед што не се најде на списокот за поддршка од страна на Министерството за култура
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.