Иницијативата за изготвување Стратегија за безбедност во сообраќајот во Кочани е во завршна фаза, во чии рамкии се одржа третата и последна средба на членовите на пошироката работна група.
Иако во помал број, сепак присутните кои се вклучени во дефинирањето на главните цели што треба да ги содржи документот, изнесоа конретни и конструктивни предлози за решавање на сообраќајните проблеми. Притоа беа посочени критичните локации и точки, особено во централното градско подрачје, каде што е неопходно брзо и ефикасно решение за да се подобри безбедноста на сите учесници во сообраќајот.
-Договоривме, заокруживме и одлучивме кои ќе бидат целите, како ќе бидат поставени, што ќе бидат приоритетите, само за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот. Тоа значи, дека по сите овие сесии, останува да бидат поделени областите, да се дефинира генералната цел, да се даде мисија што ќе биде подолгорочна и за конкретните цели да утврдиме акциони планови за следните пет години., ставени во временска рамка, и секако, заокружено со финансии, истакна Жаклина Пауновска Анѓелковиќ, овластена инспекторка за патен сообраќај во Општина Кочани.
По сублимирањето на заклучоците од трите досегашни средби на работната група, во наредниот период ќе следат подготвителни активности за изработка и усвојување на Стратегијата за сообраќај.
-По завршувањето на стратешкиот документ ќе имаме презентација со сите членови на работната група, за да го имаме финалниот документ и истиот да биде доставен до Советот, да се усвои, за да може да влезе во програмата за 2024 година, додаде Пауновска Анѓелковиќ.
Стратегијата за сообраќај ќе се изработи со буџетски средства на Општина Кочани, а освен нашата, слични документи треба да добијат уште пет општини во државата, за што иницијативата потекна од Министерството за транспорт и врски, а со поддршка од Светска банка.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.