Со 250 килограми кумарински препарат за труење на глодарите, Локалната самоуправа на Кочани ја спроведе втората фаза од кампањата за дератизација на канализациската мрежа во градот и населените места во рамничарскиот дел на општината.
Стручни екипи, со поддршка на технички персонал од комуналното претпријатие „Водовод“ ги поставуваа кумаринските мамци во канализациските шахти во Кочани и во селата Мојанци, Горни и Долни Подлог, Грдовци, Тркање, Прибачево и Оризари. Дел од мамците се распоредени и на градската депонија, каде исто така е регистрирана појава на глодари и други штетници кои се преносители на заразни болести.
Акцијата за дератизација се спроведува токму во овој период од годината затоа што по завршувањето на жетвата на оризот вообичаено се регистрира зголемено присуството на глодари во населените места. Се работи за превентивна активност во рамки на програмата за заштита на населението од заразни болести.
За двете фази од кампањата беа набавени 500 килограми кумарински препарат, при што се третираат околу 1.300 шахти во населените места. За набавка на препаратот од општинскиот буџет се издвоени околу 170 илјади денари.
Од Општина Кочани информираа дека кумаринските мамци се специфично обоени парафинирани блокови и се лесно воочливи, заради што упатија апел до граѓаните доколку ги забележат да не ги допираат.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.