На почетокот на новата учебна година Локалната самоуправа на Зрновци ќе обезбеди поддршка за учениците кои годинава за првпат ќе тргнат на училиште. Сите првоодделенчиња ќе добијат бесплатни ученички ранци, со што продолжува грижата за на Општината за најмладите, а оваа мерка станува традиционална.
Едногласна одлука, без никакви забелешки за предлогот за доделување на помошта даде Советот на Општина Зрновци на 29. седница. Исто така, за оваа учебна година сите првоодделенчиња ќе добијат и еднократна парична помош, за што од општинскиот буџет ќе се издвојат 45 илјади денари.
Образложение за предлогот даде градоначалникот Борчо Коцев, при што нагласи дека оваа мерка е нова и годинава треба да се примени за првпат.
-Родителите на првоодделенчињата првата година се најмногу изложени на поголем трошок, треба да купуваат тетратки и друг прибор. Се работи за 14-15 првоодделенчиња, по 3 илјади денари, мислам делка ќе можеме да скратиме од нешто друго за да им излеземе пресрет на овие семејства и да ги мотивираме првоодделенчињата да почнат со повеќе труд и енергија. Ова се предлага за првпат, да се донесе ваква одлука, истакна градоначалникот Коцев.
И минатата учебна година Општина Зрновци со средства од буџетот обезбеди ранци за сите ученици кои за првпат тргнаа на училиште. Дополнувањето на поддршката со доделувањето и парична помош, треба да им олесни на родителите при обезбедувањето на потребниот прибор и наставни помагала пред почетокот на учебната година.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.