Под мотото „Безбедноста на прво место“ во спортската сала „Сашо Лазарев-Чапо“ се одржа јавна интерактивна трибина што ја организираше Општина Кочани за учесниците во сообраќајот кои управуваат велосипеди, велосипеди со помошен мотор, мопеди, мотоцикли, трицикли, лесни четирицикли и четирицикли.
Трибината беше наменета за сите родители и за учениците од средните училишта и учениците од деветтите одделенија од основните училишта во Кочани за зголемување на безбедноста на нашите деца во сообраќајот.

-Настанот се реализираше во соработка со ИПА – Интернационалната полициска асоцијација, која обезбеди реквизити и материјали за учесниците. Исто така, вклучени беа и полициски службеници од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај – Кочани, претставници од Општина Кочани, Општинскиот совет за безбедност во патниот сообраќај и Центарот за социјални работи – Кочани. Беа презентирани законските обврски за лицата кои управуваат велосипеди, мопеди и мотоцикли. Од над илјада поканети, учествуваа незадоволителен број ученици, а уште понезадоволителен беше одѕивот на нивните родители. Повеќе пати досега реализираме превентивни активности за зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот, со директен фокус на нашите деца. Иако граѓаните постојано од нас бараат подобрувања во оваа сфера, нејасно е нивното отсуство од вакви јавни настани, истакна Жаклина Паунова Анѓелковиќ, овластен инспектор за патен сообраќај.

Низ непосреден контакт со учениците од средните училишта и нивните родители се дискутираше за најчестите прекршоци и непочитувањето на постојните правила и прописи, законските обврски, постапки и процедури во сообраќајот.
Спроведувајќи ја интерактивноста на трибината, на присутните им беше овозможено да учествуваат со прашања, предлози и препораки за подобрување на намаленото ниво на безбедност за сите учесници во сообраќајот.




©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.