Потешкотиите што Општина Кочани ги има секоја година околу организирањето на бесплатниот автобуски превоз на учениците, но и заради унапредувањето на линискиот превоз за граѓаните, беа повод на 35. седница на Советот на Општината да произлезе иницијатива за самостојно обезбедување на услугата од страна на локалната самоуправа.
Иницијативата дојде по точкјата од дневниот ред на која се разгледуваше предлог-одлуката за измена на организирањето на општинскиот линиски превоз на патници, со субвенционирање од општинскиот буџет во цената на билетот по патник.
Предлогот што беше даден од говорницата, доби поддршка од сите советници, кои оценија дека е можно дури да се размислува и за формирање на јавно претпријатие што ќе го обезбедува превозот.
-Веќе сме сведоци дека неколку општини низ Македонија, со подружници или организирање јавни претпријатија или ги искористија постојните, организираа јавен превоз. Мислам дека тоа им е рентабилно и функционално. Тука би сакала да дадам иницијатива, додека тече овој период, Општина Кочани да ги разгледа можностите за слична постапка, односно за организирање сопствен јавен превоз, истакна Жаклина Филипова Свеќароска, член на Советот на Општина Кочани.
-Да се надоврзам на иницијативата, препораката, на колешката Жаклина, да можеме да размислуваме не само оној општински превоз за граѓаните, таа услуга да биде дадена на сите училишта и образовни и нституции. Да оставиме време и простор на Општината, да размислува за јавно претпријатие кое ќе може да ги покрива не само услугите на граѓаните, туку и на сите ученици кои се надвор од градската средина, истакна Мирче Стојков, член на Советот на Општина Кочани.
-До наредната седница општинската администрација да го разгледа овој предлог и да ни ги каже законските усчлови за реализација на овој предлог. Бидејќи ова е една добра иницијатива и навистина би било штета да ја испуштиме со „гласавме, а ништо не добивме“. Со заклучок, за наредната седница да имаме точка на која би биле разгледани законските услови, прописи, на кој начин е остварлива оваа идеја, истакна Ивица Лазаров, член на Советот на Општина Кочани.
-Кога веќе правиме некакво дополнување, да се дополни за да се организира превоз и за селските средини, линискиот превоз да ги опфати и селските средини. Кога веќе оди од Оризари, до Прибачево, Грдовци, Подлог, Мојанци, и друга линија Тркање и Бели. Тие се селски средини што не се опфатени со јавниот превоз, за да почувствуваат некаков бенефит и жителите на селските средини од Општината, истакна Иле Малинов, член на Советот на Општина Кочани.
Од општинската администрација имаше кратко објаснување дека законска обврска да организираат линиски автобуски превоз имаат општините во кои живеат над 100 илјади жители. Сепак, советниците нагласија дека и во општини што се со помалку жители од законски пропишаното, веќе функционира самостоен автобуски превоз за граѓаните и учениците.
Потоа, при гласањето на точката, иницијативата доби едногласна поддршка од присутните и се очекува на наредната седница повторно да се разгледува како точка од дневниот ред.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.