Советниците на СДСМ бараат официјална информација во врска со најавите за згрижување мигранти во кочанскиот регион. Во врска со барањето испратија и официјално известување до јавноста:
Денеска советниците од редовите на СДСМ, Александра Коцева, Ивица Лазаров и Сашко Иванов поднесоа барање за свикување вонредна седница на Советот на Општина Кочани, со единствена точка на дневен ред: Информација за можноста за згрижување на одбиените баратели на азил од Велика Британија во нашата општина.
Ова го правиме затоа што сме должни навремено, транспарентно и одговорно да ги информираме граѓаните за сите прашања кои можат да имаат економско, институционално или безбедносно влијание врз нашата општина. Сметаме дека ова прашање е сериозно и бара итно да се разгледа на јавна седница, со присуство и придонес од сите надлежни институции.

Нашата цел е едноставна – да добиеме официјални информации, да ја информираме јавноста транспарентно и да донесеме заеднички, одговорни одлуки во интерес на граѓаните.
Исто така, упатуваме јавен повик до сите советнички групи во Советот на Општина Кочани да го поддржат нашето барање за свикување вонредна седница.
Ова не е политичко, туку општествено и општинско прашање кое бара конструктивен дијалог, единство и транспарентност.
Граѓаните заслужуваат јасни информации, навремена реакција и институционална одговорност.
ОО СДСМ – Кочани

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






