На паузата од 62. седница на Советот на Општина Кочани, на која единствена точка на дневниот ред беше изборот на в.д. градоначалник, советничката група на СДСМ одржа прес конференција на која беше истакнато дека не е време за политичка борба меѓу партиите, ниту за водење политика, туку треба да им се помогне на сите оние кои претрпеа болка и загуба во катастрофалниот пожар во „Пулс“.
-По огромната трагедија којашто му се случи на нашето Кочани, бесот и разочараноста кај граѓаните е огромна и оправдана. Сведоци сме дека целокупниот систем на Локалната самоуправа не функционира, јавните сервиси потфрлаат и институциите на работат соодветно со потребите на граѓаните. Во вакви трагични денови за нашето Кочани мора да го чуеме алармот на народот за едно поинакво натпартиско делување кое ќе значи здружена поддршка за постепено стабилизирање на животот во градот и за силна поддршка за потребите на семејствата на жртвите на нашите сограѓани. Затоа советничката група на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија нема да истакнува кандидат за в.д. градоначалник на Општина Кочани. Ова не е и не смее да остане политичка борба помеѓу партиите и советниците во Советот, туку заедничка борба за сите нас и за нашите сограѓани, истакна советничката Душанка Горгиева Трпевски.
Во обраќањето до јавноста таа истакна дека поддршка треба да добие оној кандидат којшто ќе одговори на најнужните потреби на граѓаните, на потребите на семејствата на жртвите и на младите.
-Како одговорна партија ќе дадеме поддршка на оној кандидат кој ќе се обврзе да ги исполни следниве барања: поддршка на децата за понатамошно школување со помагала, прибор, облека, стипендија за студирање, сместување по студентските домови, поддршка за мајките и жените од семејствата за вработување и поголема економска независност. Спроведување на програма за обезбедување психолошка поддршка на семејствата на жртвите во траење од најмалку 12 месеци, поддршка за здравствените потреби и лекување на членовите од семејствата на повредените. Поддршка за останатите социјални и општествени потреби, како на пример анализа за состојбата со домување и станбено прашање на секој од семејствата на жртвите и повредените и поддршка кон евентуално решавање на ваквите прашања. Спроведување на вонредна контрола во рамките на надлежностите на Општината на сите дејности – угостителство, градежништво и комерцијални дејности. Ние нема да учествуваме во изборот на директори и функционери во Локалната самоуправа. Градоначалникот мора да има јасна агенда за реализација на барањето на граѓаните и ништо помалку од тоа, додаде Горгиева Трпевски.
На крајот од прес конференцијата беше нагласено дека во Кочани нема простор за политичка пресметка и себепромоција на ниту еден поединец или партија, поради што беше упатен повик до сите советници за обединување за функционална општина која во следниот период ќе работи единствено во интерес на граѓаните и ќе се стави во целосна поддршка на семејствата погодени од трагедијата.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.