– Доколку денеска немате доблест оваа точка да се изземе од дневниот ред, значи продолжуваме со незаконско работење, веќе седум месеци ние работиме со овој незаконски Управен и Надзорен одбор. Веќе донесовме, виде донесовте некои значајни катастрофални, поддржавте одлуки на овој Управен одбор, како што е завршната сметка, така сега и Статутот. Не знам, сметаме дека ова не е толку приоритетно, според тоа треба да иамте доблест истата да се повлече. Со самиот избор на новите членови на Управен и Надзорен веруваме дека понатаму истата ќе биде поддржана и од нас, рече Снежана Хаџи Паунова, член на Советот на Општина Кочани.
Ваквиот став предизвика низа реакции меѓу советниците, што придонесе да се развие долга и жолчна дискусија, кој работел незаконски и во кој период требало да се прават измените на Статутот на “Водовод“.
– Можеби навистина треба да влезат органите и да утврдат дали членовите на Управен и Надзорен одбор се во согласност со поитивните закони, меѓутоа тоа треба да се направи малку порано. Од 16.06.2017 година и да се утврди сите одлуки што се донесувани од тој период, па наваму, бидејќи да се потсетиме, во тој период власт беше ВМРО-ДПМНЕ во Кочани. Значи, прашањето е дали тие го почитувале законот. Што се однесува до тоа дали точката треба да биде повлечена или не, јас би побарал објаснување од страна на стручните служби во комуналното претпријатие, да излезат на говорница и да кажат која е потребата од промената во Статутот и на што се однесува, и дали би било пречка доколку ја оставиме точката на дневен ред и доколку ја разгледуваме, рече Ѓорѓи Алексов, член на Советот на Општина Кочани.
– Во понатамошниот дел на расправата ќе избереме нови членови на Управен и Надзорен одбор, ако имате разбирање, ќе имаме можност новиот Управен и Надзорен одбор на следната седница да разговараме и да го донесеме заеднички Статутот на КЈП “Водовод“, рече Јордан Димитров, член на Советот на Општина Кочани.
– Пред надлежните судски органи е поведена предистражна постапка за незаконско именување членови на Управен и Надзорен одбор. Значи, сакате да кажете дека поддржуваме некое криминално дејствие. Што со овие одлуки за овие седум месеци? Треба конечно после седум месеци да имаме доблест да ја надминеме оваа ситуација, да се формираат нов Управен и Надзорен одбор и сега пак во некоја заврзлама навлегуваме. Значи, не ја гледам потребата зошто да се брза, рече Снежана Хаџи Паунова, член на Советот на Општина Кочани.
И кога се очекуваше расправата за предлогот од опозицијата да запре и да се слушне мислењето на претставниците од “Водовод“, дискусиите продолжија со мислења дали сега е моментот Статутот на комуналното претпријатие да се разгледува.
– Го поддржувам и прифаќам вашето укажување и така треба да биде. Меѓутоа, требаше од оваа говорница исто така да кажете, да, ние не ги почитувавме законските одредби и никој не поведе предистражна постапка и зошто тоа не е направено, од вас, како советници од претходните состави на Советот на Општина Кочани. Ако тоа тогаш не сте го направиле, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ ја имал власта во општина Кочани, тогаш која е вашата доблест и морална одговорност сега да поставувате такви прашања и тука да се расправаме пред граѓаните на општина Кочани, кои прашања во овој момент и не се најбитни. Ние имаме многу посуштински прашања за кои треба да водиме расправа, рече Благој Ситновски, член на Советот на Општина Кочани.
– На координација ние еднаш засекогаш се договоривме, во присуство на градоначалникот, да стгавиме крај на оваа голгота и ние како опозиција ќе престанеме и нема да дискутираме, ќе седнеме политички ќе разговараме. Значи, не е само комуналното претпријатие, овде има институции во кои опозицијата, а тука припаѓаат сите советници, треба да имаат свои претставници. Никој не бара мнозинство, политичката власт е таа, мнозинството во управните и надзорните одбори го има онаа политичка партија која е на власт, меѓутоа реално мора да има присутен секаде, и во училиштата, и во библиотеката, и во здравствениот дом, и во Центарот за јавно здравје, буквално во сите институции, рече Лазо Митев, член на Советот на Општина Кочани.
– Ќе замолам предглагачот, доколку вие тврдите дека е итна, да ја слујшнеме итноста за донесување на оваа точка, рече Снежана Хаџи Паунова, член на Советот на Општина Кочани.
– Јас се согласувам да им дадеме збор на претставниците на предлагачот, дали е од итен карактер, ако не е, се согласувам дека не треба да фрламе дамка на Статутот, нека биде поддржан од страна на членови на Управен одбор кои што ќе бидат легитимно изгласани, рече Ѓорѓи Алексов, член на Советот на Општина Кочани.
По неколкуте реплики и контрареплики, по скоро едночаснвно преупкување од кога и кој требало да направи контрола за членовите на Управниот и Надзорниот одбор на “Водовод“, дилемата ја прекина неговиот директор кој се согласи предлогот за Статутот на претпријатието да се повлече.
– Имаме заклучок од претходниот Управен одбор, од 12.12.2017 година, каде што ја задолжува стручната служба на КЈП “Водовод“ во најкус можен рок да изготви предлог за нов Статут. Воедно има и решение од државен комунален инспектор од 12.11.2017 година со кое КЈП “Водовод“ се задолжува да изврши усогласување на дејностите со новите шифри и називи на единствената класификација на дејности. Последната промена на Статутот е од 13.12.2016 година, значи бидејќи не е усогласено веќе година ипол, сметам дека може да почека уште месец дена, така што ние како предлагач можеме точката да ја повлечеме, рече Андреј Киров, директор на КЈП “Водовод“.
По повлекувањето на точката, дневниот ред на седницата беше усвоен без неа. Се очекува согласноста за новиот статут на “Водовод“ да биде дадена на некоја од наредните седници, по добивањето на нови членови на Управниот и Надзорниот одбор на претпријатието.
Т. Ајтовски
{fshare}
{backbutton}
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.