Советот на Општина Зрновци даде едногласна поддршка на иницијативата за основање Локален музеј, како нова општинска институција од јавен карактер од областа на културата.
Предлогот до советниците го достави градоначалникот Борчо Коцев, а во образложението за отпочнување на постапката нагласи дека на територијата на општината има предуслови и можности за функционирање на музеј со соодветна археолошка и етнолошка поставка.
-Имаме археолошко наоѓалиште во селото Мородвис, со артефакти од пред повеќе од 10 века, каде се наоѓал воен и духовен центар Моробиздон како седиште на некогашната Мородвиска епископија. Тоа е под надлежност на Министерството за култура, а ние сметаме дека треба да се оформи работна група и да се изработи елаборат како појдовна точка за основање и регистрирање на новата општинска институција Локален музеј. Таа би била непрофитабилна установа што ќе работи на истражување, прибирање и стручно обработување на наодите, како и за нивно чување, заштита и презентирање пред јавноста. Музејот би ја исполнувал и едукативната улога за младите и за сите посетители на нашата општина за движното културно наследство со кое располагаме, истакна градоначалникот Коцев.
За да се обезбедат потребните средства за елаборатот ќе се направи и ребаланс на буџетот за оваа година, а по неговата изработка ќе биде познато од каков карактер би бил музејот, односно дали главно ќе презентира археолошки, етнолошки или историски артефакти. Намерата на Општината е, според предметот на неговото работење, тој да биде од општ карактер, а во негов состав да има повеќе секции од различни области.
Со финансиска поддршка од Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој пред три години во Зрновци беа изградени и уредени етнокуќа и регионален етнопарк, а со средства од општинскиот буџет во Мородвис пред повеќе од десет години беше отворена етнокуќа со етнолошка поставка.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.