Советот на Општина Кочани доби нова сала, сместена на вториот кат во зградата на Мултикултурниот центар, во која во иднина ќе ги одржува редовните пленарни седници.
Салата е опремена со потребната аудиотехника за меѓусебна комуникација и снимање на седниците, а се очекува да биде инсталирана и обезбедената опрема со која преку интернет ќе се овозможи видео пренос во живо од работата на Советот. Дополнително, за опремување на просторијата со мебел од буџетот на Локалната самоуправа беа инвестирани околу 500 илјади денари.
Новата сала официјално почна да се користи со одржувањето на денешната редовна 48. седница.
-По неколкугодишно очекување конечно добивме пристојни просторни услови за одржување на седниците, а опремата што беше донирана од УНДП целосно ќе биде ставена во функција. Упатуваме благодарност до општинската администрација за реализираниот проект за опремување на салата, истакна Лазо Митев, претседател на Советот на Општина Кочани.
-Благодарноста треба да се упати до поранешниот Совет на Општината од периодот 2017 -2021, затоа што со активноста на советниците, меѓу нив и претседателот Лазо Митев и советникот Венко Крстевски, беа добиени донациите, истакна Томе Солевски, член на Советот на Општината.
Во изминатите години Советот промени неколку локации за одржување на редовните и свечените седници. Притоа најмногу ги користеше општинската просторија за венчавки, потоа големите сали во Спомен домот АСНОМ и Центарот за култура „Бели мугри“, како и салата на Мултикултурниот центар во Кочани.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.