Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата во координација со полициски службеници од Полициската станица – Кочани ја реализираа кампањата „И јас и ти – сите сме пешаци!“.
На локација кај Градскиот плоштад стручните служби разговараа со граѓаните за зголемување на сообраќајната култура кај пешаците, почитување на сообраќајните правила, прописи и сигнализација, а беа поделени и едукативни материјали.
-Пешаците се најмасовната и најзагрозената категорија на учесници во сообраќајот. Поради таа причина денес им посветуваме поголемо внимание при што сакаме да ги насочиме како безбедно да учествуваат во сообраќајот, да ги поучиме, посоветуваме и да и поделиме едукативно-превентивен материјал од Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата, истакна Љубинка Ристова, секретарка на Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата – Кочани.

Според анализите на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата , но и од светските искуства, најчести причини заради кои пешаците страдаат во сообраќајни незгоди се непочитување на сообраќајните правила и прописи од нивна страна, поминување улица надвор од пешачки премин, претрчување преку улица, користење мобилен телефон или слушалки и многу други фактори.

Кампањата „И јас и ти – сите сме пешаци!“ освен во Кочани се спроведува и во другите градови во државата, а ја реализираат Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата, Министерството за внатрешни работи и Факулетот за безбедност – Скопје.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.