Комплетно нов сообраќаен пристап и паркинг простор ќе добие детската градинката „Бисерчиња“ во Зрновци. Градежните работи се во тек, изведувач е компанијата „Ленди груп“, а носител на активностите е Локалната самоуправа на Зрновци.
Инвестицијата е дел од проектот за подобрување на сообраќајната инфраструктура со кој е почната изградбата на нов локален пат од 2,5 километри од Зрновци до селото Мородвис, а за што од Министерството за транспорт и врски беа обезбедени околу 30 милиони денари.
-Се работи на реконструкција на пристапната улица до градинката, при што се гради и тротоарска површина во должина од 150 метри и паркинг простор за дваесетина возила, што ќе биде наменет за родителите кои ги носат своите дечиња. Со оваа инвестиција сакаме да ја подобриме безбедноста на пешаците и на останатите учесници во сообраќајот, да го доуредиме просторот и естетскиот изглед околу детската установа, истакна Борчо Коцев, градоначалник на Општина Зрновци.
Во инвестицијата за подобрување на сообраќајната инфраструктура во Зрновци е вклучена и изградбата на улицата „Филе Ристов“, како и спој на улицата „Никола Карев“ со нова сервисна улица. Според договорот, градежните работи треба да се комплетираат до крајот на октомври.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.