По протестите и прекинот на наставата во средината на октомври минатата година, со коишто поголем дел од вработените во СОУ „Ванчо Прке“ – Виница се спротивставија на назначувањето на в.д. директорката Тања Анакиева – Давитковска, целиот случај доби завршница, за што испратија и писмено известување до јавноста:
Колективот при СОУ „Ванчо Прке“ – Виница ве информира дека со одлука на Училишниот одбор при училиштето и нејзино верифицирање од страна на градоначалникот, на 14.1.2025, должноста директор на училиштето, ја презеде Зоранчо Ангелов, а претходната в.д Т.А.Д. беше разрешена.
По многу перипетии, претрпени неправди и притисоци врз вработените и нивните семејства сплотениот мнозински дел од колективот ја извојува победата и беше назначен директор со мандат од 4 години.
Уште еднаш сакаме да нагласиме дека оваа борба немаше никаква политичка, ниту пак партиска позадина, а единствен мотив беше менталното здравје, здрава работна и образовна средина на вработените и учениците.
По макотрпен период успеавме да покажеме и докажеме дека само со сплотеност и обединетост може да има правда и напредок. Се надеваме дека ќе бидеме пример и зрак надеж за сите коишто се чувствуваат како жртви на системот, како што бевме и ние.
На новоизбраниот директор му посакуваме успешен мандат, а на сите колеги и ученици успеси во второто полугодие и понатамошната работа и образование.
Мнозински дел на колективот при СОУ „Ванчо Прке“ – Виница
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.