Со свечена програма подготвена од средношколците и нивните професори, СОУ „Љупчо Сантов“ одбележа 80 години од загинувањето на патронот. Вечерва во Центарот за култура „Бели Мугри“ настап имаа учениците од училишниот хор, како и членовите на драмското студио.
Директорот Љубомир Гацов рече дека постојано се работи на унапредување на учениците, но и на професорскиот кадар, со цел средношколците да станат успешни граѓани на нашето општество.
-Горди сме на нашето училиште, трајни се квалитетите на учениците кои од овде излегуваат како матуранти. Утре, 23 март навршуваат 80 години од прераната смрт на нашиот патрон, па по тој повод вечерва сме собрани да оддадеме почит на херојот кој несебично го даде својот живот за ослободување од фашистичкиот окупатор. Љупчо Сантов бил еден од најактивните млади антифашисти уште од почетокот на Народноослободителната војна, истакна Љубомир Гацов, директор на СОУ „Љупчо Сантов“.
По повод 80-годишнината од смртта на Љупчо Сантов и Раде Кратовче, утре во 10 часот на нивните спомен-бисти во Паркот на Револуцијата во Кочани, делегации ќе оддадат почит и ќе положат свежо цвеќе.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.