Во салата на БК „Спартак“ денеска се одржа општински турнир во борење за учениците од основните училишта во општина Кочани. Организатор на натпреварот беше Сојузот за училишен спорт на Кочани со поддршка од кочанскиот боречки клуб. На турнирот, кој имаше изборен карактер, учествуваа триесетина ученици во различни тежински категории, во машка и женска конкуренција.
Натпреварувачите немаа големо искуство во борењето со оглед што услов за учество беше претходно да не тренирале, односно да не се членови на боречки клуб. Една од целите на настанот е да се популаризира оваа спортска дисциплина меѓу младите, која во Кочани има повеќедецениска традиција. Со тоа и БК „Спартак“ ќе може да обезбеди подмладок во иднина.

-Во изминатиот период Сојузот за училишен спорт организираше првенства во фудбал, ракомет, кошарка, па ние инсистиравме и борењето да влезе во овој систем на натпревари. Натпреварувачите денеска се борат по категории, а оние кои ќе освојат прво, второ и трето место ќе учествуваат на државното првенство што ќе се одржи идниот петок во салата на ОУ „Никола Карев“. Изненадени сме од бројот на учесници денеска и се надеваме дека дел од нив ќе продолжат со борењето, ќе се зачленат во боречкиот клуб и во иднина ќе произлезе и државен шампион. Овде имаме и неколку помлади искусни борачи, кои се членови на клубот и на почетокот на овој турнир покажаа одредени техники, за да можат другите учесници да согледаат што претставува борењето, истакна Гоце Ангелов, секретар на БК „Спартак“.
Државниот натпревар во борење в петок во Кочани ќе го организира Федерацијата на училишен спорт на Македонија, со техничка поддршка од боречкиот клуб „Спартак“. Почетокот на натпреварите е планиран за во 11 часот, а се очекува да учествуваат стотина млади натпреварувачи од повеќе градови во државата.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.