Учениците и вработените во ОУ „Никола Карев“ од Кочани денеска скромно и без посебни свечености го одбележаа патрониот празник.
Во училишниот двор се одржа краток рецитал посветен на македонскиот револуционер, а потоа делегации положија свежо цвеќе на неговата биста.

-За разлика од претходните години, кога имавме академија и други настани со кои го одбележувавме патрониот празник на едно скалило повисоко, се одлучивме на ваков чекор поради оваа страшна трагедија што се случи во нашиот град. Како почит кон настраданите, повредените и сите семејства одлучивме да биде скромно одбележување и положивме свежо цвеќе на спомен обележјата во дворот на нашето училиште, во Паркот на Револуцијата, како и на споменикот кај селото Тркање, истакна Александар Андов, директор на ОУ „Никола Карев“.
Андов изрази надеж дека идната година патрониот празник и споменот за Карев ќе може да се одбележи во поведар дух, дека заедницата ќе се издигне над сегашната состојба и дека сите граѓани ќе дадат придонес за тоа.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.