Општина Кочани склучила два договора за зимско одржување на локалните патишта и улиците, како и за зимско и редовно прочистување на патниот правец кон селото Главовица, за што вкупната вредност е околу 30 илјади евра заедно со даночните обврски.
Договорите се склучени на крајот на минатата година, а според истражувањето што го објави Центарот за граѓански комуникации од Скопје, за зимското одржување на патиштата и улиците договорени се 1,5 милион денари, додека за чистење на патот кон Главовица договорената сума е близу 350 илјади денари.
Овие износи ја ставаат Општина Кочани во просекот меѓу општините во државата кои издвоиле буџетски средства за истата намена.

-39 единици на локална самоуправа имаат склучено договори за зимско одржување, односно за набавка на механизација, сол и ризла за улиците и патиштата. Од сите нив, најголем е тендерот на Град Скопје, кој за оваа намена годишно троши по повеќе од половина милион евра. Од другите општини, највредни тендери за зимско одржување имаат Битола, околу 250 илјади евра, Кичево – 134 илјади евра, Центар – 116 илјади евра, Гази Баба – 113 илјади евра, Гостивар 96 илјади евра и Струга 92 илјади евра. Просечниот број понуди на склучените договори за зимско одржување на патиштата изнесува 1,4 по тендер, што е исклучително ниско ниво на конкуренција. За ова зборува и податокот дека дури на 71% од тендерите имало само по една понуда, се истакнува во истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.

Споредбата на финансиските средства што Општина Кочани ги потпишала во договорите во последните три години за зимско чистење и одржување на патиштата и улиците покажува дека нема промени во сумите, односно тие биле скоро исти за сезоните 2022/2023, 2023/2024 и 2024/2025. И фирмите што учествувале на тендерските постапки и ги склучиле договорите се истите – едната од општина Кочани, а другата од општина Македонска Каменица.


Во анализата на Центарот за граѓански комуникации се истакнува дека за за справување со снегот и мразот по патиштата и улиците, сите општини и ЈП за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта од Скопје досега склучиле договори во вкупна вредност од 3,5 милиони евра. Сепак, вкупната сума на трошоци за зимско одржување сигурно ќе биде и поголема ако се има предвид дека во тек се уште 13 тендери за оваа намена, чиј исход сè уште не е познат, се заклучува во анализата.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.