Активностите за реставрација и конзервација на Споменикот на слободата што ги најави Општина Кочани, а што се реализираат со грант од над 250 илјади долари што ги обезбеди Амбасадата на САД, треба да обезбедат враќање на стариот сјај на монументот кој има голема историска, архитектонска, но и уметничка вредност за општината и пошироко.
Градежните работи што почнаа неодамна наидуваат на поддршка во јавноста, но отворено останува прашањето кога ќе почне планираното уредување на околината на Споменикот, што треба да прерасне во парковска површина.

Во меѓувреме локацијата околу монументот прераснува во дива депонија, на која се исфрла цврст отпад и шут. Делови од мебел, стари автомобилски гуми, дотраена покуќнина, искршени садови за домаќинството, остатоци од градежен материјал. Долг е списокот на исфрлените отпадоци што го „украсуваат“ просторот на кој пред повеќе децении имаше зимзелена шума, а сега е голина прекриена со трње и грмушки, за која никој не води грижа.

Создавањето диви депонии кај нас и не е некоја нова вест, но и во овој случај се потврдува дека луѓето од други држави се позагрижени за нашите јавни добра, отколку ние самите.

Кога веќе надлежните во американската амбасада одлучиле да донираат буџетски пари што ги обезбедиле нивните сограѓани, редно би било и ние да покажеме волја дека навистина сакаме, не само Споменикот на слободата, туку и неговата околина да стане пријатно катче. Затоа, постојниот отпад да се исчисти и да се спречи ново исфрлање, за да може полесно во блиска иднина да се реализира општинскиот план за парк на Локубија.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.