Општинската библиотека „Ванчо Прке“ од Виница денеска организираше средба со роднокрајни автори, кои во изминатите децении дале придонес во развојот на литературното творештво и оставиле запис за временскиот период во кој творат.
Во рамки на средбата, на дваесет и двајца автори од неколку возрасни генерации, кои создале дела во различен литературен жанр, им беа доделени признанија. За четворица од нив, кои беа истакнати постхумно, признанијата ги примија членови на нивните семејства.
Настанот беше дел од општинската програма со која се одбележуваат 80 години од ослободувањето на Виница.
-Денеска ја чествуваме слободата и ова е значаен датум за нас, за нашата Виница. Не е случајно што, како јавна општинска установа, одбравме да го одбележиме со вас, нашите винички автори. Тоа е нашиот правилен избор, затоа што се работи за луѓе кои оставиле печат и белег на едно време и место. Ние, како институција, сме должни да ги зачуваме нивните дела – споменици од временски заборав, истакна Лилјана Капевска, директорка на библиотеката „Ванчо Прке“.
Средбата со роднокрајните автори беше поддржана од компанијата „Макпрогрес“ и локалниот бизнис сектор, а присуствуваа и гости од соседна Бугарија. Настанот беше збогатен со музичка програма во чии рамки беа изведени староградски песни од виничката и македонската фолклорна ризница.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.