Вкупно 24 ученици од СОУ „Љупчо Сантов“ годинава се македонски претставници на еднонеделната годишна сесија на програмата Euroscola што се одржува во Европскиот парламент во Стразбур.

Предводени од професорот Александар Михајлов, нашите ученици, заедно со уште неколку стотини свои врсници од европските земји, се дел од работилниците чија главна тема е „Од енергетска криза кон одржлива иднина: мерки на ЕУ против климатските промени“.

На воведната сесија на работилниците нашите ученици биле меѓу најактивните, поради што од модераторка добиле позитивен коментар: „Не сте членка на ЕУ, а најгласни сте“.

Програмата Euroscola во Стразбур обединува ученици на возраст од најмалку 14 години од сите 27 земји-членки на ЕУ, од земји апликанти и поранешни земји-членки. Тие дебатираат, преговараат, разменуваат мислења, гласаат и конечно усвојуваат резолуции за приоритетните прашања за континентот на кој живеат. Учениците имаат можност да се запознаат со работата на европските институции, да разговараат за демократијата, основните права, европските вредности и да ги изразат своите лични мислења за одлуките донесени на ниво на Европската Унија.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.