Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата – Кочани, во соработка со сообраќајната полиција при Одделението за внатрешни работи – Кочани, денеска спроведе акција за подигање на свеста на возачите за употреба на безбедносниот појас и против користењето мобилен телефон додека возат.
Под мотото „„Стави појас!“ и „Не користи мобилен телефон додека возиш!“, на булеварот „Тодосија Паунов“ во близина на автобуската станица, полициските службеници им укажуваа на возачите за загрозувањето на сите учесници во сообраќајот од користењето мобилен телефон додека управуваат со возилото, како и за неопходноста за поголема лична безбедност со употребување појас. Притоа им поделија и флаери со пораки за внимателно и одговорно возење.

Според членовите на Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот, истражувањата покажале дека користењето мобилен телефон за време на возење ја зголемува опасноста од сообраќајна несреќа за 4 до 9 пати. Тоа е и спортивно на Законот за безбедност во соображајот, а казната изнесува 40 евра во денарска противвредност.

Обврската за користење безбедносен појас во возилото се однесува на возачот и сопатникот на предното седиште, но и на сопатниците на задните седишта. Некористењето појас се санкционира со казна и за возачот и за сите сопатници и на предното и на задните седишта.
Акцијата на ОСБСП – Кочани и на Полицијата е дел од националната кампања за подобрување на безбедноста во сообраќајот на патиштата, што ја спроведуваат Републичкот совет за безбедност во сообраќајот, МВР и Факултетот за безбедност – Скопје.


©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.