Овогодишната фестивалска програма со која Јавната општинска установа библиотека „Искра“ – Кочани го одбележа Меѓународниот ден на литертурата за деца, заврши со театарската претстава „Децата на железницата“.
На текст на Идит Незбет, во адаптација на Магдалена Кочовска Салтирова, која го направи и изборот на музиката, а во режија на Кристина Атанасова Арсова, на сцената во Мултикултурниот центар во Кочани настапи дваесетчлена аматерска актерска екипа – средношколци и основци од кочанските училишта.

Улогите ги толкуваа: Максим Арсов, Матеа Глигорова, Јован Цветанов, Деспина Салтирова, Ања Басовска, Стефан Соколов, Емилија Станојкова, Лора Доневска, Ања Ситновска, Алек Велков, Јован Атанасов, Андреа Цветкова, Ева Здравкова, Методи Пендевски, Михаил Стојанов и Марко Трендов, кои заедно со танчарката Софија Филипова покажаа колку театарската сцена може да биде мотивирачка за младите.

Публиката којашто ја наполни салата во Мултикултурниот центар ги прими пораките за човечност, издржливост, сплотеност како неоходни принципи на живеењето.
Претставата „Децата на железницата“ ја докажа потребата од сериозна посветеност на културната работа со младите, кои пак потврдија дека поседуваат огромен интерес, талент и потенцијал што треба да се надградува и културно-уметнички да се насочува.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






