Националната установа Театар Комедија од Скопје донела одлука финансиски да им помогне на кочанските пожарникари волонтери, кои се вклучени во гасењето на пожари и други интервенции во изминатиот период. Според одлуката, од буџетот на установата ќе се издвојат 150.000 денари, како финансиска поддршка за Доброволното противпожарно друштво Кочани.
Помошта во борбата со огнената стихија во овие тешки моменти е нужна, поради што ги бодриме сите тимови низ Македонија, со пораката дека пожарникарите не се сами.
Директорот на Театар Комедија, Дарко Спасов истакна дека се работи за скромна поддршка како благодарност за исполнувањето на благородната задача што ја имаат пожарникарите.
-Им помагаме на сите, им помагаме на пожарникарите, на сите, кога ќе помогнеш на еден човек веројатно помагаш на целото човештво. Ние имаме таква идеја дека треба да поттикнеме некаква колективна свест, дека од нас зависи како ќе се грижиме, во каков свет ќе живееме и затоа ние одвоивме, тоа не се големи средства, 150.000 денари, но секогаш одвојуваме од малкуте што го имаме. Се надеваме дека ќе поттикнеме некакво будење, дека секој мора да помогне. Противпожарните единици се навистина сериозни актери, сериозни борци и додека ние некако лабаво чекаме да заврне во ноември дожд, некој ја чува нашата земја. Тоа е катастрофа што ни се случува, така што, еве, апелирам до сите, кој колку може да помогне. Имаме стручни оспособени екипи на кои им е потребна помош, истакна Спасов.
Поддршката за кочанските пожарникари, без разлика дали се работи за професионалните припадници на ТППЕ – Кочани или пак за пожарникарите волонтери од ДПД – Кочани е повеќе од неопходна, особено во овој период на зголемен број пожари.
На последната седница на Советот на Општина Кочани, исто така беше донесена едногласна одлука на ДПД – Кочани да му се додели помош со буџетски средства во висина од 200.000 денари.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.