Во изминатите денови преку телефонски јавувања кај повозрасни граѓани на Кочани, непознати лица преку лажно претставување вршат измами за случени сообраќајни незгоди во кои, наводно, жртви или тешко поведени биле членови на семејства и други нивни роднини.
Со тоа создаваат огромна вознемиреност кај граѓаните, а целта на измамите е да изнудат пари за наводна помош при понатамошната постапка.
Најчесто жртви на ваков вид измами се повозрасните граѓани кои повиците ги добиваат на нивните домашни, фиксни телефонски броеви.
Надлежните служби апелираат на претпазливост и внимателност, да не се наседнува на повици од непознати лица. Потребно е секој ваков случај да се пријави во најблиската Полициска станица.
Во текот на минатата недела 75–годишна жена од Кочани пријавила дека била измамена од едно лице, кое според пријавеното ѝ се јавило на телефон и ја довело во заблуда со тоа што ѝ кажало дека нејзиниот внук предизвикал сообраќајна несреќа во Германија, каде прегазило лице – мигрант и доколку сака да му помогне, треба да му даде 60.000 евра. Според пријавеното, пред нејзината куќа подоцна дошло едно лице на кое таа му дала 251.400 денари.
Ваквите случувања во кочанскиот регион се зачестени од почетокот на оваа година.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.