29-годишниот Александар Глигоровски од Пробиштип е 61. жртва во трагичниот пожар во „Пулс“, откако претходно почина и кочанецот Александар Карадакоски, кој беше управител во фирмата на дискотеката.
Министерот за здравство, Арбен Таравари потврди дека Глигоровски, како и Карадакоски, бил на лекување во Литванија, каде им подлегнал на повредите од пожарот.
-Денеска во 11 часот почина и вториот пациент кој престојуваше во Литванија. Станува збор за Александар Глигоровски, кој имаше 29 години. Беше од Градската општа болница упатен во Литванија. Неговата состојба беше тешка од почеток, а од 4 април се влоши повеќе, а од вчера беше ставен на хемодијализа. Ова ни е втор пациент кој почина, од 193 кои ги третиравме. Имаме уште двајца критични пациенти, истакна министерот Таравари.

Министерот Таравари нагласи дека Глигоровски имал сериозни изгореници и бил меѓу најкритичните пациенти.
-Александар имаше повреди, 35 отсто изгореници од трет степен, изгореници на дишните патишта, еден од потешките пациенти, од тие четири кои ги кажувавме критични. Другите двајца сега за сега се критични, но стабилни, додаде Таравари.
Глигоровски, како и Карадакоски, беше третиран од повредите околу три недели, но не успеал да се избори по тешките изгореници и оштетувња на дишните патишта.
Семејството на починатиот Александар Карадакоски веќе ги извести роднините и пријателите дека неговиот погреб ќе се одржи утре од 14 часот на гробиштата во Кочани, а претходно во 12 часот телото ќе биде изложено во Градската капела.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.