СОУ „ Гошо Викентиев“ отвори нов тренинг центар за учениците во кој ќе се обучуваат за инсталирање фотоволтаични системи за производство на струја од сончева енергија, што е единствен во регионот од ваков тип.
Опремата за Тренинг центарот е од компанијата Интебако ДОО од Скопје, која обезбеди 18 фотонапонски централи Canadian Solar, инвертор Huawei и придружна опрема за нејзино поврзување и функционирање. Компанијата TAB MAK – TAB Batteries од Пробиштип обезбеди литиумска батерија со капацитет од 5000Wh и e-storage CLEVER, односно кутија за складирање батерии.
-Брзиот развој на технологијата отвора многу можности, но и бара нови компетенции и вештини. Ние, како стручно училиште, сме секогаш подготвени за иновации и се трудиме да бидеме во чекор со новите трендови во однос на обновливите извори на енергија. Истовремено, се стремиме на учениците да им овозможиме квалитетно образование, усовршување и напредување . За таа цел е формиран новиот Тренинг центар каде учениците ќе имаат можност да се обучат за инсталација на соларни панели, испитување и снимање на разни електрични карактеристики, информираат од СОУ „Гошо Викентиев“.
Дополнителни бенефиции од целиот систем е и тоа што енергијата произведена од соларните панели ќе се користи за SMART осветлување на училишниот двор. Со проширување на целиот систем во иднина ќе се постигне и поголемо искористување на соларната енергија за потребите на училиштето, со што ќе се овозможи создавање и одржување на енергетска независност.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.