Кочанските пензионери по трет пат излегоа на протест, а истиот се оддржа кај ЦК „Бели Мугри“. Потоа преку протестен марш со транспаренти се упатија пред просториите на Фондот за здравствено и пензиско осигурување во Кочани. Мотото на протестоте беше „Правда и право на достоинствен живот“. Тие повторно ги истакнаа нивните барања за линеарно зголемување по 3 500 денари за сите пензионери и минималната пензија да биде еднаква на минимална плата.
-Ако одговорот на надлежните за нашите барања е дека нема пари, ние ќе ви кажеме, пари има! Ако се откажете од безброј непотребни трошоци кои се прават во власта и сите нејзини министерства и институци, пари ќе има. Откажете се од покачувањата од 78% на платите на функциониерите, од вашите луксузни службени патувања, од луксузни садови во Владата, од јадење бадеми, од купување спортска опрема за играње кошарка и фудбал во канцелариите на функционерите, од платежни картички, од наместени тендери и дневници како една минимална плата. Пари има, но се трошат нерационално, истакна Моне Ѓоргиев, од Иницијативниот одбор на пензионерите од Кочани.
Причината за протести е лошата состојба во која се наоѓаат пензионерите, а велат дека со пензијаа од 12 000 денари е тешко да се издржи и опстане.
Присутните на протестот по трет пат повторија дека во кочанскиот регион има над 6 200 пензионери, а линеарното покачување ќе биде пооправдано, затоа што повеќе од половината од нив земаат пензија под 15 000 денари.
Централниот протест на пензионерите од Македонија е закажан во Скопје, на 20 септември.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.