Одличен интерес покажаа учесниците на аукцијата на уметнички дела од хуманитарната изложба за настраданите во „Пулс“, што попладнево се одржа во ЦК „Бели мугри“ во Кочани.
По едноминутниот молк како почит за загинатите во пожарот, на аукцијата што ја водеше актерот Благој Веселинов, беа претставени педесетина уметнички дел од над 140 што претходно се најдоа на изложбата.

На настанот на кој присуствуваше претседателката Гордана Силјановска Давкова, како и стопанственици, политичари, градоначалници, уметници и граѓани, беше речено дека целта е да им се помогне на сите кои се засегнати од трагедијата, за полесно да ги надминат последиците.

-Добро ќе беше никогаш да не се собереме за да прибираме финансиски средства и да помагаме на ваков начин. Уметноста и сликарството да нѐ споеја на поинаков начин, но секоја подадена рака во овој хуман настан за нас значи многу. Благодарение на сите, на учениците од Школата за цртање и сликање и на волонтерите кои се вклучија во организацијата, настанот дојде до степен на сериозност и ова е само почеток на еден пат за собирање средства што долгорочно ќе им с епотребни ан сите засегнати од овој пожар, истакна Александра Димитрова, раководителка на Школата за цртање и сликање при ЦК „Бели мугри“.

Аукцијата помина успешно и најголем дел од понудените уметнички дела добија нови сопственици, а дел од сликите се продадоа по неколкукратно наддавање, при што за дел од нив беа понудени и по неколку десетини илјади денари.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.