Планинарите Тошо Антов и Зоран Николов од планинарскиот спортски клуб „Осогово“ од Кочани успешно ја реализираат еднонеделната експедиција за освојување на 5 врва на Алпите.
Вчера Антов по втор пат, а Николов за прв пат, во својата планинарска кариера се искачија на врвот Гран Парадисо, кој со своите 4061 метар е највисок на територијата на Италија. Денеска успешно стигнаа и до врвот Зумстајншпиц, на 4653 метри, кој се наоѓа во Швајцарија.
Експедицијата „Алпи 2023“ што почна на 28 јуни и ќе трае до 5 јули, ја реализираат група искусни македонски планинари во чиј состав се и членовите на кочанскиот планинарски клуб.
Според зацртаната маршрута, во наредните денови тие треба да се искачат и на врвовите Сигналкоп на 4554 метри и Балмерхорн на 4167 метри во Швајцарија како и на највисокиот врв во Словенија – Триглав на 2863 метри.
Ваквата активност, за искачување на пет алпски врвови за неколку дена, е прва за ПСК „Осогово“ и за македонското планинарство, со оглед што досега ниту една експедиција, не само од државата, туку и од поширокиот балкански регион, не успеала да реализира сличен подвиг.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.