Општинската организација на Црвен крст – Кочани беше организатор на натпревар по прва помош, што денеска се одржа во спортската сала „Сашо Лазарев-Чапо“.
Се натпреваруваа десет екипи во три категории – подмладок, младина и дисеминација. Во првата учествуваа тимови од основните училишта од општините Кочани, Зрновци и Чешиново-Облешево.
Учесници во втората категорија беа двете средни училишта од Кочани, а во третата се натпреваруваа сите екипи чија задача беше да покажат знаења за работата на Црвениот крст.
Натпреварот беше распределен на десет пункта, од кои два за укажување на прва помош, а останатите беа за одмор и рекреација, како и за забавни содржини.
-Се натпреваруваат десет екипи и истите се распореденени на десет пункта, каде самите учесници даваат прва помош на симулирани случаи на повредени лица. Имаме еден пункт за дисеминација каде што учесниците учат за основните работи на Црвениот крст, а останатите пунктови се од забавен карактер. Учесниците кои победија ќе учествуваат на Регионалниот натпревар по прва помош што ќе се одржи на единаесети мај во Радовиш, истакна Анета Коцева, секретарка во Општинската организација Црвен крст – Кочани.
Во категоријата младина и дисеминација првото место го освои тимот од СОУ „Љупчо Сантов“, а во категоријата подмладок првопласирани беа учениците од ОУ „Св. Кирил и Методиј“.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.