Коалицијата за локалните избори предводена од СДСМ во Кочани одржа предизборна трибина на која беа претставени кандидатот за градоначалник Игор Христов и кандидатите за советници.
Пред почетокот на трибината во салата на ЦК „Бели мугри“ им беше оддадена едноминутна почит на загинатите во трагичниот пожар на 16 март.
Партискиот лидер Венко Филипче во обраќањето истакна дека во Кочани не може да зборува како политичар, туку како човек и родител кој ја чувствува болката на оние кои ги испратија своите деца на забава и не дочекаа да им се вратат дома.

-Тоа е најголемиот грев, да ја претвориш трагедијата во алатка за политичка корист. Јас и СДСМ во изминатите шест месеци никогаш не го направивме тоа, ниту пак дозволив некој од партијата тоа да го направи.Со крената глава не се оди пред луѓе што изгубиле сѐ, а сѐ уште не ја добиле вистината. Со крената глава не се оди кај оние кои со месеци бараат правда, а имаше обиди за селективна правда. Со крената глава не се оди кај оние на кои им се вршеа притисоци за протестите. Нема достоинство во ароганцијата и лицемерието. Јас нема да кажам дека сум дошол со крената глава, дојдов како човек којшто е свесен дека политиката и политичките партии 30 години наназад се оние што го градеа овој систем и никој нема право да се амнестира. Наназад не можеме да ги смениме работите, но можеме да извлечеме поуки и да го смениме системот, да ја смениме иднината, истакна Филипче.
Пред присутните партиски членови и поддржувачи се обрати кандидатот за градоначалник на Кочани, Игор Христов кој нагласи дека последните четири години Кочани живее во тешка сенка на корупција, на неспособност и на неправда.

-Градот што отсекогаш бил симбол на труд, чесност и солидарност, го водеа оние кои имаа само еден приритет: општинскиот буџет за лични цели. Го запустија некогаш најчистиот град во Македонија. Сменија шест директори на комуналното претпријатие. Резултатот е хигиенски хорор! Најголеми должници на „Водовод“ му се општински училишта! Невиден арамилак! Пљачкашка банда! Ветуваа булевари и катни гаражи, а донесуваа криминални одлуки зад затворени врати! Ги изгубија доделените средства за Дом за стари. При нова градинка – го оставија Кочани без градинка! Им пречи ред и дисциплина, им пречат сите закони! Сметката за ваквите „услуги“ ќе им биде испорачана на 19 октомври! Кулминацијата на таа разузданост ја почувствувавме сите во колективната болка и тагување, во нарушената безбедност. На Кочани му треба зеленило и чист воздух, дом за стари, катни гаражи, нов, функционален и модерен Градски пазар! Кочани заслужува уредени улици и тротоари,чиста вода и канализација и во населените места. Сите заслужуваме пристојни услови за живот! Наш приоритет е грижата за младите, затоа што тие се нашата иднина! Ќе создадеме услови за локален развој, мали бизниси, дигитални вештини и можности што ќе ги задржат овде, во својот дом, нагласи Христов.

На предизборната трибина на СДСМ, носителката на кандидатската листа за советници Александра Коцева рече дека Советот на Општина Кочани мора повторно да биде глас на граѓаните, да не биде место за поделби, туку за решенија и не за лични интереси, туку за општо добро.
-Затоа, нашиот тим има јасна цел: Кочани да закрепне, да оздрави! Да се ослободи од корупцијата и криминалот! Општината да ја направиме поуредна, поздрава, почесна и побезбедна за секој жител. Наша задача е да создадеме повеќе можности за младите – работа, култура, спорт. Наша цел е да обезбедиме достоинствен живот на возрасните! Ќе работиме за подобра инфраструктура – за улици без дупки и маала со осветлување. Ќе бидеме транспарентни и одговорни за секој денар што се троши од општинскиот буџет, нагласи Коцева.

Трибината заврши со повикот граѓаните да покажат дека Кочани има луѓе што не се плашат од вистината, дека градот има сила да се исправи и повторно да живее.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






