Министерството за животна средина склучило договор со фирмата Лукс инженеринг 25 ДООЕЛ од скопско Визбегово за одржување на нестандардните комунални депонии кај Кочани и кај селото Никуштак, општина Липково. Вредноста на договорот е близу 10 милиони денари, односно по половина од износот за двете депонии, а периодот за кој треба да се обезбеди услугата е шест месеци.
Министерот Изет Меџити и управителот на фирмата Орхан Туша на крајот на јули годинава го потпишале договорот, со што почнал да тече рокот за извршување на преземените обврски. Притоа се наведува дека услугата ќе се извршува сѐ до искористување на максималните средства, согласно единечните цени.


Целата постапка е во рамки на законските одредби, но во очи паѓа несразмерниот износ по единица мерка за двете депонии. Според финансиската понуда, за порамнување на кубен метар новопристигнат отпад на депонијата во Кочани е наведена единечна цена од 3.055 денари, додека истата услуга во Никуштак чини 240 денари за кубен метар. Различен е и износот за покривање со земја на отпадот со дебелина до 50 сантиметри, односно во Кочани тоа е 2.820 денари за квадратен метар, а во Никуштак близу 289 денари за квадратен метар.
Од приложените цени може лесно да се констатира дека искористувањето на предвидените средства за кочанската депонија ќе биде многу побрзо, односно наместо планираните шест месеци обврската за давање на услугата ќе заврши порано. Поради тоа се јавува дилема дали до склучувањето нов договор за нејзино одржување, ќе биде оставен без контрола нестандардниот простор каде се исфрла комуналниот отпад од општините Кочани, Виница, Зрновци и Чешиново-Облешево? Со тоа поголем е и ризикот од пожари поради самозапалување или намерно палење на отпадот, како што беше пред неколку дена.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






