Шефот на стручниот штаб на „Осогово“, Ефтим Аксентиев поднесе неотповиклива оставка. Причина за неговата реакција е неисполнувањето на обврските на Управата на клубот за можностите за тренинзи и подготовки на стадионот, недостиг на спортска опрема и други услови што ги побарал тренерот.
-Јас ја закажав прозивката на 5 јули, значи отидов на стадионот, а тој беше неуреден. Теренот беше неискосен, соблекувалните во лоша состојба, опремата ја немаше. Разговарав со претседателите на клубот, ми ветија дека за два дена тоа ќе биде средено. Потоа прозивката ја закажав во саботата, отидов на стадионот, го сретнав Оливер Јовановски и ми дадеде девет топки. Повторно влегов во пресоблекувалната, а таа беше во истата состојба, маици за играчите нема, значи состојбата беше истата како и првиот пат. Повторно се слушнав со претседателите и ми кажаа дека ќе биде средено. Доставив список на потребни играчи до претседателите на клубот, но без мое знаење и информирање тие преговараа и носеа играчи по нивни потреби и желби. Од сигурни извори имам информации дека зад мој грб тие веќе барале тренери од други градови за моето место, што значи имале за план да ме тргнат од „Осогово“. Преговарале со други играчи, а јас тоа не го знаев. Од многубројните причини си поднесувам оставка и веќе не сум дел од Стручниотт штаб на ФК „Осогово“. Напоменувам, додека се тие луѓе во ФК „Осогово“ јас повеќе не се враќам во клубот. Му пожелувам многу успех во втората лига на „Осогово“, истакна Аксентиев.
Пресудно за заминувањето на Аксентиев е несогласувањето со претседателот на клубот, Перо Георгиевски што го имале пред одреден период .
Се поставува прашањето кој ќе раководи со фудбалерите по дадената оставката од Аксентиев. Заминувањето на шефот на стручниот штаб ќе претставува голем предизвик за кочанските жолто-сини во Втората фудбалска лига.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.